Логично решение: Баражот со Франција во октомври – квалификациите за ЕП 2022 во декември?

Од средата ЕХФ има нови термини за одигрување на натпреварите од баражот за Светското првенство во Египет кое треба да се одржи во јануари следната година. Натпреварите ќе бидат одиграни во првите 5-6 дена од јули така што ова ќе бидат навистина тешки денови со оглед на фактот дека не е јасно кога ракометарите ќе се вратат во активен тренажен процес одновно ќе почнат заедно да работат во клубовите.

Ова е тежок период и за правење на планови, па и селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Данило Брестовац се наоѓа во незгодна позиција бидејќи не може да изготви план како до баражите за СП против Франција.

„Тешко е да се каже што и како ќе биде најдобро да се направи. Не ми е јасно како ќе можеме да се организираме. За напорите кои ќе следуваат потребни се барем 4-5 недели да може да се подготвиме добро. После една ваква пауза ќе биде потешко за клубовите отколку за репрезентациите“, вели Брестовац за 24 Ракомет.

Тој ќе се соочи со нивото на подготвеноста на ракометарите, но вели дека верува дека некои ќе дојдат и во натпреварувачки ритам бидејќи уште има надежи некои првенства да се одиграат.

„Верувам дека некаде ќе се одиграат натпревари и дека дел од ракометарите ќе дојдат подготвени. Сепак, нема да биде лесно. Од тренерски агол не знам како сето ова се замислува бидејќи натпреварите ќе дојдат после долга пауза. Дај боже да има натпревари претходно и да се фати некој ритам и да се игра бидејќи вака се ризикуваат повреди кај ракометарите“.

Интересно е и размислувањето на Брестовац, кога ќе беше добро да се одиграа баражите место во јули.

„Најлогично според мене беше овие квалификации за Светското првенство во Египет да бидат одиграни во октомври кога се предвидени првите две кола од квалификациите за Европското првенство во 2022 година. Пореално ќе беше така и играчите ќе беа во полна форма и во натпреварувачки ритам. Сега вака сè е ризик. Нема да биде воопшто лесно за никого. Од мој агол ќе беше пологично така, квалификациите за Европското првенство да ги игравме во декември кога ќе почнеа подготовките за Мундијалот. Тогаш сите ќе беа во подготовки и ќе можеше да се одигра. Сепак, ќе видиме како ќе се одвива целата ситуација“.

Коронавирусот направи големи проблеми на првенствата низ целиот свет, но ги поремети и плановите кои ги имаа и селекторите. Истото важи и за планот на Брестовац, не само за сениорската туку и за другите репрезентации од помладите категории кои имаа план за големи активности.

„Со ова одлагање се сменија многу работи за нас бидејќи имавме веќе изготвен план за во април. Сениорската репрезентација требаше да одигра две контроли со Словачка. Генерацијата до 2000 година имаше план за учество на турнир во Белгија, додека генерацијата до 2002 година на турнир во Бугојно. Сето ова беше предвидено со цел да видиме до каде е формата на ракометарите и да внесеме некои нови ракометари во сениорската репрезентација“.

Иако е пауза од тренинзи и натпревари, сепак, тоа не значеше и пауза во состаноците и подготовки за она што ќе следува. Меѓудругото во машките репрезентации беше вклучен нов директор, Левче Китевски, кој веќе се приклучи на работата.

„Април требаше да биде работен. Веќе имавме два состанока со новиот директор на репрезентацијата и полека го внесуваме во работата со националниот тим. Добро е што и во Ракометната федерација на Македонија се мисли и на младите и што почнавме да се екипираме како што треба така што мислам дека одиме на вистинскиот пат“, коментираше Брестовац за 24 Ракомет.

Со надеж дека целата ситуација ќе се реши брзо и ќе може првенството да биде довршено на терен и оние ракометари кои се во план за репрезентацијата да бидат подготвени останува и подготовката на планот за дуелите против Франција кои според новиот календар се предвидени за 1/2 и 4/5 јули.