„Лигата на Европа ќе биде поквалитетна од ланските групи Ц и Д во Лигата на шампионите“

Шпанскиот тренер на кормилото на Висла Плоцк, Хавиер Сабате истакна дека се разочарани од одлуката на ЕХФ да не добијат вајлд карта за настап во Лигата на шампионите.

Сепак Висла Плоцк е прва резерва и ќе чека шанса доколку некој тим се откаже или има проблеми во организацијата на натпреварите предизвикани од коронавирусот.

„Разочарани сме, се надевавме дека ќе останеме и во новиот формат во Лигата на шампионите. Ќе се развиваме како тим и понатаму ќе се бориме да се вратиме во елитната лига“, рече Сабате.

Висла Плоцк следната сезона ќе се натпреварува во Лигата на Европа каде што ќе играат 24 екипи. Ова ново натпреварување се очекува да биде многу квалитетно со оглед на екипите кои ќе играат, а се очекува да започне на 20 септември.

„Според мое мислење, тоа ќе бидат посилни натпревари од Ц и Д групите од претходната Лига на шампиони со учество на германските и француските екипи. Натпреварите секако ќе бидат привлечни и за нашите навивачи на кои сметаме многу, затоа што конкуренцијата ќе биде навистина силна. Како тим, треба да се развиваме понатаму и да се бориме за да се вратиме во Лигата на шампионите во сезоната 2021/2022“, истакна тренерот Орлен Висла.