Летово кадетите ќе бидат главни, мора да биде освоено првото место на ЕХФ шампионатот

Во текот на летото кое наближува, Македонија ќе биде одново активна на ракометен план, а овој пат е домаќин на ЕХФ шампионатот за кадети односно за генерацијата 2002. Ова е натпреварување на кое ќе се брка првата позиција бидејќи таа ќе донесе место меѓу првите 16 селекции и настап на Европските првенства и во кадетска и во јуниорска конкуренција.

Планот беше да се имаат активности и во текот на април за да може да се тргне со одработување на сето она што е зацртано до август. Сега тоа е изменето односно планот ќе претрпи промени бидејќи сè што беше планирано до крајот на мај веќе не е во комбинација.

„Ни следува напорно лето. Сепак, нашите планови целосно мора да бидат насочени кон генерацијата 2002, пред која е многу важен турнир. ЕХФ шампионатот ќе мора да се одработи најдобро што може бидејќи тоа може да ни донесе напредок односно пласман на Европско првенство за генерациите во кадетска и јуниорска конкуренција“, вели Брестовац за 24 Ракомет.

Се работи за шампионат на кој првото место води во првата дивизија односно меѓу 16 репрезентации кои играат на Европско првенство. Момците кои се дел од кадетската селекција ќе бидат пред голем предизвик и ќе мораат да направат сè што може за да се дојде до успехот.

„Ќе биде напорно, но ќе треба да видиме и колку долги подоготовки можеме да направиме во текот на летото. Со оглед на долгата пауза сигурно ќе ни треба и повеќе работа, но планот ќе биде направен откако ќе се знае сè како ќе се одвива. Добро е што се размислува на младите категории и што веќе имаме формирано репрезентации од пионери до сениори. Се работи сериозно и има таков пристап кон секоја од селекциите“.

Брестовац смета дека тренерите кои се дел од младите репрезентации се докажуваат и на клупски план бидејќи тројца со своите тимови пред да биде прекинато првенството имаа обезбедено пласман во плејофот.

„Во репрезентациите ги имаме Матлиески, Грчевски и Стојановиќ. Тројцата покажаа дека се добри тренери и дека се поставени на вистинските места. Добро функционираме како тим така што очекувам само да напредуваме. Матлиески со Пролет, Грчевски со Бутел Скопје и Стојановиќ со Охрид, сите обезбедија пласман во плеј-офот што е само доказ дека сме го одбрале најдоброто за работа со младите категории на репрезентативци“, изјави Брестовац за 24 Ракомет.

Инаку, во текот на летото ќе бидат активни и кадетите и младинците кои ги очекуваат натпревари од ЕХФ шампионатот така што се очекува од нив да покажат дека можат да одиграаат квалитетни средби.