Лесјак ја откажа Црна Гора, Унгарија за четвртфинале ќе чека услуга од Шведска

Голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак со 13 интервенции беше еден од најзаслужните за убедливата победа на Словенија против Црна Гора од 31:23 (15:8), во рамки од последното, трето коло, од групната фаза на Светското првенство во Полска и Шведска.

Избраниците на Урош Зорман имаа одличен старт во дуелот против Црна Гора, поведоа со 3:0 во воведниот дел и до крајот на натпреварот беа во голема предност. Црногорците првиот гол го реализираа преку пенал и за речиси 15 минути игра во мрежата на Лесјак имаа постигнато само еден гол од игра.

Репрезентацијата на Црна Гора делуваше конфузно и без многу идеја во нападите. Словенија продолжи да го полни голот на Црна Гора, дојде до водство од 9:2 и си дозволи мало опуштање во своите редови. Следуваше период, во кој Црна Гора имаше краток залет, направи серија од 3:0, намали на 9:5, но Словенија не дозволуваше многу напредок во играта на ривалот.

Во продолжението немаше поголема промена на резултатот. Црна Гора правеше многу грешки, промашуваше зицери, едноставно делуваше премногу лошо во организирањето на нападите. На спротивната страна расположени за игра беа главните играчи во словенечката репрезентација, која во последниот период од првото полувреме одржуваше позитива од четири до пет гола разлика.

На голот на Црна Гора бранеше екс голманот на Струга, Никола Матовиќ, додека голот на Словенија го чуваше членот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак. Двајцата голмани одиграа во сите 60 минути во балканскиот дуел. По 30 минути игра резултатот гласеше 15:8 за словенечката репрезентација.

Во вториот дел, двајцата селектори ги измешаа поставите и веќе при резултат од 22:15 во 40 минута, јасно беше дека Црна Гора ќе има тежок предизвик да се избори за евентуален камбек. Словенците рутински си ги одработија последните 20 минути и се израдуваа на втората победа во групната фаза, со која завршија на 3. позиција во првата група.

Најефикасни во победничката репрезентација беа Алекс Влах со шест гола и Домен Новак со пет реализации. Кај Црна Гора се истакна Ристо Вујачиќ со пет гола, додека по четири постигнаа Милош Вујовиќ, Василије Калуѓеровиќ, Божидар Симиќ и Марко Ласица. Голманот Никола Матовиќ натпреварот го заврши со девет интервенции.

Селекцијата на Унгарија со победа над Зеленортските Острови од 42:30 (22:15), остана во игра за пласман во четвртфиналето. Унгарците моментално се позиционираа на 2. позиција во втората група, сега имаат 6 бода на свое конто, односно бод повеќе од Португалија и два бода повеќе од Исланд.

За потсетување, денес играат Бразил со Исланд и Шведска со Португалија, па исходите од двата дуели ќе одлучат која репрезентација, освен Шведска, ќе патува во четвртфиналето.

Во натпреварите од Президент Купот, Чиле славеше над Јужна Кореја со 33:26 (16:16), додека Саудиска Арабија во неизвесен финиш го совлада Уругвај со 28:27.