Лесни бодови за Еурофарм Пелистер од гостувањето кај Јуниор Кисела Вода

Еурофарм Пелистер имаше лесна задача на гостувањето во Скопје кај Јуниор Кисела Вода откако во рамките на петтото коло запиша нови три победнички бода 25-38(9-18). Со оваа победа Еурофарм Пелистер го задржа лидерското место во групата Б во машката Суперлига, додека Јуниор Кисела Вода е на последното место во групата со 1 освоен бод.

Дождот и лошото време можеби ги спречи љубителите на ракометот да ја исполнат трибината во спортската сала на основното училиште „Круме Кепески“, но навивачите на домашниот тим немаа многу простор да се израдуваат на играта на својот тим. Очекувано на терен македонскиот вицепрвак доминираше и ја имаше контролата над играта и резултатот од самиот почеток. Кизиќ беше солиден меѓу стативите, поголема шанса добија Атанасијевиќ, Кузмановски и Ѓорговски, а резултатската разлика на семафорот постојано се зголемуваше до максимални „плус девет“, 12-3 на средина на првиот дел. Единствено голманот на домашните ракометари Дино Трајчевски го одржуваше Јуниор на едноцифрена негатива.

Разликата од максималните девет погодоци се задржа и до самиот крај на полувремето за конечни 9-18 по триесет одиграни минути во Скопје.

Вториот дел тренерот на битолчани, Ларс Валтер го започна со Танкоски на централната и Стоилески и Маџовски на крилните позиции, а на клупа заминаа Ѓорговски, Кузманоски и Ненад Костески кои го завршија првото полувреме. Во воведниот период Јуниор успеа да намали само два погодока од високото водство на противникот, но до 37.минута Еурофарм Пелистер повторно беше на највисоките девет голови разлика. Спојот на искуство и млади играчи се покажа како добитна комбинација за гостинските ракометари, Хосни, Маџовски, Танкоски, Пешевски и Радовиќ беа поддршка за Атанасијевиќ, Стоилевски а од средина на вториот дел и на Костески и Ѓорговски. Токму Костески во 44. минута ја постави првата двоцифрена разлика на семафорот 18-28.

Во последната четвртина од натпреварот на голот на Еурофарм Пелистер застана младиот голман Бобан Ристевски. Јуниор Кисела Вода се обиде да намали од високата предност со длабока зона, но успеа за момент да ја врати едноцифрената негатива од првиот дел. Разликата во квалитет не му дозволи на домаќинот да се понадева на повеќе, па до 56. минута битолчани имаа предност од 37-22, со голот на Атансијевиќ од контра напад, а Маџовски минута подоцна ги постави највисоките „плус шеснаесет“ за 38-22. До крајот во мирна завршница Еурофарм Пелистер славеше победа од 38-25.

Костески ја предводеше листата на стрелци со 10 погодоци, Атанасијевиќ постигна 7, Танкоски 5, додека Ојлески имаше четири постигнати голови. Кај домаќинот, Јуниор Кисела Вода, Симоновски постигна 10 голови, а Матовиќ 5.