Лекиќ: Вардар, Скопје, Македонија…вечно ќе ги паметам – таа љубов не се опишува!

Српската репрезентативка Андреа Лекиќ беше меѓу првите ѕвезди што дојдоа во ЖРК Вардар и пет години остана во Скопје.

Средниот бек немаше среќа ниту еднаш да се израдува на европска титула, но и покрај тоа спомените од Вардар, Скопје и Македонија, како и од луѓето овде, ќе и останат во сеќавање за навек.

Таа во интервју за „Новости“ зборуваше за сите дестинации на меѓународна сцена и за настапите во Крим, Ѓер, Вардар, ЧСМ Букурешт и Будуќност. Во новата сезона повторно се враќа во Крим.

„Љубљана беше победа над стравот, прва година надвор од својата земја, а потоа тргна феноменално кога сфаќаш што можеш и кога вербата ќе го победи стравот, потоа се е полесно. Подоцна во Ѓер се формирав како ракометарка, а во Вардар минав незаборавни пет години. Само ми е жал што не ја освоивме Лигата на шампионите, но Скопје и Македонија е средината која најмногу ќе ја паметам. Таа љубов на Македонците кон ракометот, кон Вардар – тоа не се опишува. Не е ни чудо што ракометот е спорт број еден, што трибините се полнеа… Па срдечноста на луѓето…Букурешт е друга приказна, бидејќи могу ракометарки ни се повредија, а за Будуќност не можам да зборувам многу, бев само четири месеци. Стеканв многу пријателства, запознав нови култури и тоа е најубавото нешто што го носи спортот“, вели Лекиќ за „Новости“.

Србинката пет пати со Вардар беше дел од завршниот турнир во Будимпешта во Лигата на шампионите, три пати играше во финалето, но ниту еднаш не успеа да ја освои титулата.