Легендарен тренер загуби судски спор со новинар – бараше оштета од 10.000 евра!

Легендарниот тренер на романската екипа Залау, Георге Тадичи, го тужеше новинарот Влад Енеческу и побара отштета од 10.000 евра поради навредлив наслов во романските медиуми.

Искусниот стратег одлучи да поднесе тужба откако новинарот напиша – „Тој е токсичен лик. Штета што тој го претставува романскиот ракомет“.

Судскиот спор го доби новинарот, додека Тадичи требаше да ги надомести судските трошоци. Неговиот клуб Залау ја платил одредената сума која била побарана од судот.

„Toj лик зборува јавно за тоа како одредени луѓе трошат јавни пари. Очигледно, постои разочарување кога буџетот што може да го обезбеди општината Залау не може да парира на буџетите на Букурешт, Бистрица, Браила, Валчеа, Бузау, Баја Маре …Клубот не може да собере пари од други спонзори – можеби затоа што тие не сакаат да се поврзуваат со таков лик?“, напиша Енеческу на својата страница на Фејсбук.

Пред една недела, Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Романија го суспендираше Георге Тадичи на осум натпревари и го казни со парична казна од 1000 леи или околу 200 евра поради навреди кон своите ракометарки за време на натпреварот за третото место во Купот на Романија.