Ларвик ги враќа поранешните играчи, пристигнува и Локе

Една од најдобрите ракометарки на светот, кружниот напаѓач Хајди Локе, одлучи да не го продолжи договорот со Вајперс Кристијансад, клуб со кој освои две титули во Лигата на шампионите. Локе за тамошните медиуми изјави дека во следната сезона ќе игра за некогашниот великан од Норвешка и поранешен европски шампион, Ларвик.

Од Вајперс Кристијансад преку соопштение за медиумите го потврдија трансферот на Локе во Ларвик, истакнувајќи дека искусната ракометарка дала голем придонес во освојувањето на двете титули во најквалитетното европско натпреварување.

39-годишната ракометарка пред извесен период го роди своето трето дете и за новата сезона повторно е спремна да го даде својот максимум на терен, иако со нејзиниот старо-нов клуб нема да се натпреварува на европска сцена. Раководството на Ларвик најави формирање на квалитетен тим за следната сезона, па освен Локе, во клубот ќе пристигне и Аманда Куртовиќ.

Локе за екипата на Ларвик настапуваше од 2000 до 2002 година и од 2008 до 2011 година. Во сезона 2010/11 со Ларвик ја освои титулата во Лигата на шампионите. Освен за Ларвик и Вајперс Кристијансад, настапуваше и за екипите на Ѓер и Сторхамар.