Лакрабер и Пино не доаѓаат во Скопје, Франција со 20 ракометарки на ЕП во Македонија

Селекторот на Франција, Оливие Крумболц, го објави скратениот список на ракометарки што ќе бидат дел од селекцијата на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора.

Крумболц одбра 20 ракометарки, меѓу нив ја нема некогашната вардарка Александра Лакрабер, која се најде на поширокиот список, иако најави крај на репрезентативната кариера.

Ја нема ниту Алисон Пино, можеби по малку и неочекувано, а Крумболц не ја повика ниту Калидиату Ниакате од ЧСМ Букурешт. На списокот се младите леви бекови Одри Дембеле и Дебора Ласурс.

Уште од претходно репрезентативната кариера ја завршија две поранешни вардарки – голманката Амандин Лејно и левото крило Сираба Дембеле.

Франција пред дуелот со Македонија што ќе се игра на 5 ноември, ќе одигра две пријателски средби на 28 и 30 септември против Полска во Сесон и Нант.