Лазаров: Ќе пробаме на Велигден да победиме за наша душа

Машката репрезентација на Македонија ја очекува последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Селекторот Кире Лазаров направи мала анализа на мечот против Финска и вели дека тој натпревар веќе е архивиран.

„Мојот првичен впечаток за време на натпреварот во Финска беше лош, имав чувство дека играме лошо. Но, по два пати прегледување на мечот, истата вечер и следниот ден, заклучив дека одигравме добар натпревар, во сите сегменти, и офазивно и дефанзивно. Бев изненаден, им го признав тоа на моите играчи на состанокот следниот ден, им се извинив и увидов дека одигравме квалитетен натпревар. И самите гледате дека во денешно време не е лесно да се победи било кој противник, имаше многу изненадувања, аутсајдери победуваат фаворити, затоа им честитав уште еднаш за победата. Ние промашивме шест пенали, стигнавме да направиме 12, значи колку и да биле незаслужени или заслужени, ние 12 пати дојдовме во ситуација некој да добие ќотек што би се рекло по нашки и да изнуди пенал. Не успеавме да ги реализираме, не рализиравме пола, не реализиравме шутеви од гол на гол, зицери…Кога ќе направите една таква анализа сфаќате дека сте одиграле добар натпревар, потфрливме во нашата реализација, на што ќе работиме овие денови и не треба да дозволиме да се повтори против Швајцарија. Јас сум задоволен, победа е победа, сите денеска играат ракомет. Веќе го заборавивме тој натпревар, се подготвуваме за мечот за недела“, вели Лазаров.

Тој вели дека ќе се потрудат на Велигден победнички да го завршат квалификацискиот циклус.

„Мислам дека атмосферата е одлична, прекрасна, на сите ќе им значи доколку победиме. Им напоменав дека Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, која на последното СП им направи големи проблеми на сите големи селекции. Не е истата репрезентација која што ја победивме во октомври пред СП, имаат многу промени, во составот, тактички и стратегии. Тешко е да се подготвиш за еден противник како што е Швајцарија, но ние имаме доволно време, исто еден голем предизвик за нас како стручен штаб е да се подготвуваме за репрезентации како што е токму оваа. Останува уште ден и пол, максимално ќе се подготвивме, ќе пробаме за наша душа, за Велигден да одиграме квалитетен натпревар, победнички да го завршиме овој циклус“, заврши Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија се игра на 2 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.