Лазаров: Ќе формираме Б репрезентација за да видиме со каков квалитет располагаме

Македонија ја совлада Швајцарија со 29:28 во последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година и заврши на второто место зад Данска во групата.

Селекторот Кире Лазаров после натпреварот зборуваше за плановите и иднината на репрезентацијата на Македонија, а како една од стратегиите за развој најави формирање на Б репрезентација.

„Имаме во план да направиме Б репрезентација, планираме тоа да се случи во јуни. Во таа репрезентација ќе провериме доста играчи, да видиме во каква состојба се. Тоа се однесува на оние играчи за кои немаше простор да влезат во овој потесен список, а исто така и некои играчи кои не беа ниту на поширокиот список и да видиме со каков квалитет располагаме. Едно е кога ќе ги видите во сала, друго е кога ќе ги видите директно и ќе им зададете елементи, најважно е што почнавме добро и направивме добра атмосфера“, рече Лазаров.

Кире се заблагодари на залагањето на најискусните и најави се поголема шанса на младите играчи.

„Им се заблагодарувам на постарите играчи, Стоилов, Митревски и Георгивески кои се даваат како да се на 20 години во сите овие седум дена кога бевме заедно. Видовте дека денес изротиравме 12-13 играчи. Беше планирано и повеќе но тежината на дуелот не ми дозволи, ми беше битно да го добиме овој натпревар“, продолжи селекторот.

Како клучна работа за развој и напредок на репрезентацијата истакна дека е најважно играчите да добиваат поголема шанса особено во домашните клубови.

„Треба да бидеме трпеливи, не е едноставно и треба да одиме чекор по чекор. Јас сум задоволен како се одвиваат работите, важно е да створиме нова генерација, нова македонска репрезентација. Тука треба да ни помогнат и клубовите, да работат квалитетно и да им даваат шанса на нашите македонски играчи. Денеска Мишевски и Талески одиграа 60 минути и победивме против Швајцарија, ако можат во репрезентацијата можат и во нивните клубови“, заврши Лазаров.

Македонија обезбеди пласман на Европското првенство и на ждрепката која ќе се одржи на 6 мај во Будимпешта ќе се најде во третиот шешир.