Лазаров ја одложи одлуката за „пензија“, ќе размисли до февруари

Најдобриот ракометар на Македонија, Кирил Лазаров уште е во размислување околу играчката кариера.

Иако имаше најавено дека ова ќе биде негова последна сезона во кариерата ја одлага одлуката.

Во интервју дадено за француските медиуми тој вели дека уште е во размислување, но и вели дека би можел да одигра уште една сезона или две доколку добие понуда од екипа која е во самиот европски врв односно се наоѓа во позиција да игра важна улога во Лигата на шампионите.

„Ова е моја последна сезона, барем тоа е моја желба. Но, сакам да си дадам време. Нема да ја донесам својата одлука до јануари – февруари. Ако одлучам да продолжам, тоа ќе биде само во случај на добар предлог од европски ТОП 6 клуб. Не сакам да играм само колку да играм… Само ако се чувствувам добро, инаку мојата кариера ќе заврши тука. Моето тело и моето здравје ќе одлучат затоа што мојата глава има желба за играње. Тоа е одлука која ќе ја донесам заедно со семејството. На пример, ако кажам дека е готово и добијам итна понуда? Сакам да бидам одговорен“, вели Лазаров во интервјуто.

Затоа остануваат уште неколку месеци очекување. Дали веќе можеби има понуди на адреса на Лазаров е непознато, но нема да биде изненадување доколку некој клуб го побара и сака да го види во своите редови иако веќе има 40 години. Со оглед на формата која ја демонстрира и подготвеноста сигурно може да одигра барем уште една или две сезони на врвно ниво.