Лазаров: Ја изгубивме главата…

Македонија загуби од Црна Гора со 28-24 и се збогува со надежта за место во главната рунда на Европското првенство.

Селекторот Кире Лазаров беше разочаран по поразот.

„Направивме премногу грешки, не можеме да ги преброиме едноставно се случуваше како на филм и играчи кои што играат во клубови, што играат Лига на шампиони, што играат Бундес лига, што имаат коректни улоги, кои што играат добри првенства, не смеат да си дозволат. Без разлика дали е добра стратегијата или не – или си играч или не, тоа го решаваш на терен. Ние сме тука да ги подготвиме, но тие се тие што одлучуваат на самиот терен“, вели Лазаров.

Лазаров посочи и дека имало психолошки блок кај дел од ракометарите.

„Дојде до еден психолошки блок, каде што бевме речиси немоќни. Видикот на перцепцијата на целиот терен им се намали и едноставно не знаеја или не знаевме што правиме. Очигледно е дека има голем притисок откога не тргна работата на добро. Се враќавме, бевме блиску, но сакавме тоа пребрзо да го направиме. Наместо да се посветиме на нашата одбрана, ние цел натпревар бркавме разлика. Евидентно е дека треба да учиме уште многу, да тренираме , да работиме. Не сакам тоа да го користам како алиби, но сите овие работи што ни се случуваа деновиве, посебно со нашиот капитен Стоилов, до последен момент не знаевме ни дали Митревски ќе настапи…“

Селекторот вели дека на Македонија и фалат многу играчи што имаат големи улоги.

„Црногорците подобро се прилагодија од нас во ваква состојба. Ни недсотасуваат 7-8 играчи кои што се во тие 16 кои што играле големи улоги, почнувајќи од мене, од Столе, Николче не беше тука, Никола Марковски, Дејан Манасков, Младеновиќ, Ојлевски…денеска имавме проблем и со Маџовски, вчера се повреди на тренинг, денеска ми кажа дека не може и немавме ротација со малиот Цветан Кузмановски. Ни се случија многу работи, но тоа не е алиби за поразот. Напротив мислам дека ја изгубивме главата, сакавме пребрзо да решиме…Имавме коректни услови за работа, поддршка од публиката, јас пред натпреварот реков дека како тренер ја чувствувам уште повеќе таа поддршка и навистина ми е жал. Едноставно на секој натпревар откако јас сум селектор без разлика дали добиваме или губиме противничкиот голман е најдобар играч на натпреварот!, заврши Лазаров.

За Македонија останува да го одигра уште натпреварот против Данска за два дена.