Лазаров: СП во Египет беше едно од најлошите искуства во мојата репрезентативна кариера

Машката сениорска репрезентација сврте нова страница со селекторот Кире Лазаров и веднаш обезбеди место на големо натпреварување.

Лазаров открива дека настапот на Мундијалот во Египет, на кој Македонија играше како замена, бил меѓу најлошите искуства.

„Имав желба и јавно го кажувам ова, дека еден ден сакам да ја водам својата земја како селектор. Можеби дојде порано од очекуваното и предвиденото. Она што се случуваше во Египет на СП, тешко го преживував како капитен на репрезентацијата. Во изминатата деценија стекнавме респект од цел ракометен свет со нашите настапи како репрезентација која ја одликуваше борбеност, интелегенција и голема љубов према својата држава. Во Египет се случи да одиме со наведнати глави пред цел ракометен свет кој беше таму, да едноставно остануваме во собите за да не ни се потсмеваат. Пробавме јас и поискусните играчи да ги разбудиме другите… не одеше никако, немаше реакција, едноставно се чувствуваше дека ни треба рестарт тотален. Можеби Светското првенство во Египет беше едно од најлошите искуства во мојата репрезентативна кариера…Го прифатив предизвикот без многу размислување. Не се размислував ниту секунда, напротив со многу храброст и волја влегов во овој предизвик. На самото претставување, моите први зборови беа – Македонија не се одбива никогаш“, вели Лазаров во интервју за „Само Ракомет“.

Капитенот и селектор најави дека нашата селекција во иднина ќе има повеќе играчи што ќе бидат активни во двата правци.

„Можеби забележавте дека во двете ЕХФ недели што ги имавме, шанса добиваа играчи што играа во два правци, т.е. квалитетни одбранбени играчи. Им го најавив тоа и на самите репрезентативци дека македонскиот дрес ќе се заслужува само со квалитетна игра во одбрана. Мораме нашата одбрана да ја доведеме до совршенство. Задоволен сум до сега како се движат работите. Кога можевме од Талески, Мишевски, Велковски, Младеновиќ и Марковски, кои што немаат многу минутажа дефанзивна во нивните клубови да добиеме три натпревари, тогаш треба да бидеме повеќе од задоволни“, вели Лазаров.

Следен предизвик за националниот тим ќе биде двомечот со селекцијата на Србија на 19 и 20 јуни во Ниш.