Лазаров реален: Секоја квалитетна репрезентација мора да има ротација, но….

Македонија загуби од Црна Гора со 28-24 од Црна Гора во второто коло на Европското првенство и се збогува со шансите за место во главната рунда.

Селекторот Кире Лазаров вели дека ќе биде направена добра анализа по овој натпревар.

„Се надевам дека ќе се консолидираме, ќе се комплетираме. Видовме што имаме, како имаме. Меѓутоа кога се работи за решавачки натпревар, психолошкиот момент е битен и треба да бидеш ментално и психолошки силен за да можеш  да играш таков натпревар. Ќе анализираме добро, ќе видиме што е како е. Останува уште еден натпревар со Данска, едноставно да уживаме, да добиеме уште некој играч. Но, се кога ќе се собере и одземе , многу работи ни се случија. Не сакам да се осврнувам и на судиските одлуки и со Словенија и со Црна Гора…Треба да научиме многу од оваа работа. Мене ми е многу жал. Не можам да кажам дека сум само разочара, жал ми е за навивачите што дојдоа , што поминаа толку многу километри за да не бодрат како и секогаш, но ние секогаш паѓаме на вакви работи. Се надевам дека ќе ја научиме лекцијата“, вели Лазаров.

Тој смета дека младите играчи треба и сами индивидуално да се надградуваат.

„Работевме со младите играчи во овој подготвителен период и на психолошки план, но се покажа дека тоа не е доволно, треба да се работи, но треба и играчите сами индивидуално да си ги решаваат тие работи. Тие се професионалци кои живеат од ова. И јас сум се соочувал со такви работи и сега се соочувам. Треба да се избориш со проблемот. Имав некое чувство дека ќе биде добро. Така и се чувствуваа играчите играа опуштено, имаа самодоверба. Се подготвувавме многу, но кога дојде второ полувреме, кога се приближуваше крајот се укочија и Филип Талески и Филип Кузмановски и Мартин Велковски и Мишевски и малиот Цветан Кузмановски и кај Костевски се виде еден грч. Се се тоа млади играчи дваесетгодишници, меѓутоа тоа е тоа што го имаме. Тие се квалитетни и талентирани, но треба да анализираме добро и да работиме уште многу и уште поквалитетно и попосветено“

Дали беше лоша тактичка одлука и преголем ризик стартната постава со речиси комплетно неискусни играчи?

„Не би рекол. Мартин Серафимов имаше одличен подготвителен период. Мартин Велковски беше повреден подоцна се приклучи…Сите квалитетни, врвни селекции ротираат, ова е интензивен меч во текот на 60 минути, морате да направите ротации. Сакав на почеток да ги искористам тие минути, меѓутоа се виде дека не оди. Серафимов даде неколку гола, но направи многу грешки, Игор Ѓоргиев исто. Костески не направи грешки, но се виде дека не може. На левата крилна позиција немавме друга опција бидејќи Маџовски се повреди.Томовски имаше коректни одбрани. Но дали го притисна малку самото присуство на Никола Митревски како име и презиме, исто е за  дискусија. Многу работи се собраа. Меѓутоа тоа е што е. Се надевам дека на првиот следен официјален, битен натпревар ќе се консолидираме, ќе бидеме и комплетни и ќе успееме да се пласираме на големо натпреварување што ни е од исклучителна важност.“

За Македонија на ова ЕП 2022, останува да го одигра уште натпреварот од третото коло против Данска во понеделник.