Лазаров: Мислев дека ги познавам, но увидов дека не сме се запознале доволно

Со двата порази од Словенија и Црна Гора репрезетнтативците на Македонија останаа без шанси за втора рунда на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Останува уште дуелот против Данска, а селекторот Кирил Лазаров вели дека знае што треба за понатаму бидејќи има идеја што треба да се направи.

„Идејата ја имам со самото поставување за селектор и така ќе продолжиме напред. Поразот боли, но сакам да кажам и истакнам дека она за кое се подготвувавме и требаше да настапиме комплетни како што настапувавме во квалификациите не ни успеа. Оваа репрезентација не е иста без Манасков, Лазаров, Стоилов, Митревски, Маркоски, Ојлески, без невакцинираните. Ова не е алиби, но планот беше да дојдеме комплетни и да им се спротиставиме на сите. Се случи она што се случи. Првиот натпревар против Словенија го загубивме гордо и достоинствено со многу борба што може не доведе до играта против Црна Гора. Се виде дека Црногорците се мотивирани, а кога ќе се види и во кои клубови играат тие се во предност. Двапати го погледнав натпреварот и на добар пат сме, оптимист сум и прифаќам критика и имам што да има кажам на играчите. Почнуваме од нула, но за краток период ќе разговараме, кој грешел, каде грешел и зошто е направно. Верувам во нив, веројатно повеќе и од самите нив“, изјави денеска Лазаров.

Тој смета дека со победа против Црна Гора можеше да се случи да се добие лажен оптимизам така што ова може да делува отрезнувачки.

„Можат и затоа требаат разговори. Им недостига победнички менталитет. Велат се раѓа со таков менталитет, но спортот оди напред. Не велам дека го немаат туку дека може да им се вгради. Може да се уверат. Бевме близу до побдата. Не велам дека немам грешки и јас туку имам и треба да ги поправам. Можеби победа против Црна Гора ќе ни направеше проблеми. Можеби треба да почнеме од почеток и да играме еден бараж, два баражи, па да се комплетираме“.

Во однос на карактерот веќе има забелепки и сигурно ова е нешто кое ќе треба да се менува.

„Некогаш и да си послаб играч, но да имаш карактер заслужуваш да си во овој тим. Мислев дека ги познавам доволно, но од позиција на селектор увидов дека не сме се запознале доволно. Нема да се предавам. И во играчката кариера ми се случуваа вакви работи, во тренерската ќе ги има уште повеќе. Се виде дека имаме напредок, но треба да го преточиме и на терен со резултат. Прв следен предизвик ни е пласман на СП 2023.

За утре подготвува одново тактика со која ќе се оди на максимум односно ќе се игра како натпреварот да има резултатско значење односно како Македонија да има шанси за да се пласира понатаму.

„Емотивен човек сум, немаме што да загубиме. Нашите играчи ќе се опуштат и ќе немаат притисок. Очекувам добра претстава. Ќе имаме пристап како да се бориме за пласман и добро ќе се подготвиме. Уште сега почнуваме да се подготвуваме. Овој натревар ќе ни служи многу. Дај боже да се појави уште некој играч кој ќе ни покаже дека сме на добар пат. Депресијата која ни се случи после вчерашниот натпревар да ја промениме со позитива и да го искористиме моментот Европско првенство. Млада репрезентација поради моја повреда и на другите да го искористат моментот во март да имаме вистински играчи кои почувствувале како е на одлучувачки средби да даваат добар допринос“, изјави селекторот Лазаров.

Последниот натпревар на ова првенство ќе биде утревечер од 20:30 часот, а противник ќе биде актуелниот светски првак, Данска.