Лазаров и стручниот штаб ќе прават селекција на кадети – нов собир на генерацијата 2006/07

По двата изборни тренинзи што се одржаа во Битола и Охрид на почетокот на декември минатата година, викендов ќе има втор филтер и нов собир на ракометарите oд генерацијата 2006/07.

Селекторот на сениорите Кире Лазаров и неговиот голем стручен штаб што работи во младинските категории, по првите тренинзи на кои имаше 101 ракометар, сега повикаа 46 ракометари на собирот в недела, 26 март од 11:00 часот во Автокоманда.

Тие се од генерацијата 2006/07, пионери, кои од следната сезона ќе бидат дел од кадетската репрезентација и ќе играат во квалификациите за кадетското ЕП 2024 година.

Најмногу ракометари има од Мулти Есенс, вкупно 8, петмина се од Струга, а по четворица од Бисинов Велес и Охрид.

По тројца ракометари има од Еурофарм Пелистер 2, Вардар и Еурофарм Пелистер, по двајца се повикани од Скопје, Бутел Скопје, Голден Арт и Преспа Вардар, а по еден има од Голден Арт 2, Куманово, Тиквеш, Вардар Неготино, Алкалоид, Металург РА и Младост Богданци.

Меѓу повиканите има и еден интернационалец, кој настапува во Германија. Прв голем предизвик за овие ракометари ќе биде настапот во квалификациите за ЕП 2024 година, што ќе се играат во јануари 2024 година.