Лазаров има решение: Ни треба уште појака лига и натпревари, дури и по два меча неделно

Доста се анализираше периодот и од страна на македонската јавност, која го сака ракометот и тие анализи со аргументи се такви, треба да се работи со млади играчи. Нашите играчи се од македонска лига, порано имаше доста  интернационалци, вели Кирил Лазаров, македонскиот селектор.

Поразите во групната фаза од СП 2023, па и од Тунис во утешната група од „Купот на претседателот“ продолжи да покажува со каков квалитет располага Македонија на ова СП. Причините се бараат на многу страни, секој има своја анализа зошто Македонија не успеа да влезе во главната фаза.

Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров даде свое видување за играта на неговите избраници на дуелот со Тунис, а секако и за тоа каква лекција сме добиле и што треба да се направи. До крајот на нашиот настап на СП остануваат уште два меча, еден со Мароко и уште еден за пласман.

Но, малкумина се надеваа дека ќе загубиме од Тунис, 28-33 во второто коло од „Купот на претседателот“.

,,Ние како и на претходните натпревари, од оние од групната фаза, стартувавме многу лошо, веќе на почетокот на натпреварот имавме негатива од пет гола разлика, секогаш зборувам дека треба натпреварите да се почнуваат најцврсто, но за жал повторно ни се случува истото, треба добро да се анализира каде е проблемот. Успеавме да се вратиме, имавме ментална снага тоа да го направиме, во 41-та и 42-та минута имавме водство од еден гол разлика и три напади за два гола разлика. Направивме некои грешки, би рекол ,,детски болести” што јас не ги разбирам. Треба на натпреварот да се остане концентриран цели 60 минути, ова е квалитетна репрезентација на Тунис, која што не заслужува да биде во Президент Купот, дојдоа со големи амбиции, во подготвителниот период победи големи репрезентации, ние имавме свои шанси на натпреварот и се надевам дека ќе ги попоравиме грешките”, изјави Лазаров.

Според Лазаров, настапот на СП ќе им биде отскочна даска на младите играчи, односно дебитантите, кои моментално собираат големо искуство на Мундијалот.

,,Кога видов дека не сме сконцентрирани во првото полувреме, им дадов доста шанса на помладите играчи да собираат искуство и тоа беше нашата главна цел на ова натпреварување. Најважно е што сме на големи натпреварувања, тоа беше и целта од моето поставување. Успеавме да се пласираме на Европско, Светско и сме на чекор на следно Европско првенство. Тежок процес е, промена на генерација, сами гледате дека младите играчи увидоа дека не е лесно да се игра на едно големо натпреварување и мислам дека ќе им служи како едно големо искуство. Добро е што сме овде, очекував повеќе од нас, но увидов и јас, а и самите играчи, дека во овој момент не сме доволно квалитетни, иако желбата е голема и треба да се работи многу”, додаде Лазаров.

Селекторот истакнува дека на Македонија и треба поквалитетна лига, со повеќе натпревари во текот на неделата, со цел играчите да ја темпираат формата.

,,Доста се анализираше периодот и од страна на македонската јавност, која го сака ракометот и тие анализи со аргументи се такви, треба да се работи со млади играчи. Нашите играчи се од македонска лига, порано имаше доста  интернационалци. Македонската лига нема вакви јаки натпревари, немаме вакво оптеретување за да можеме да напредуваме, ни треба уште појака лига и појаки натпревари, дури и по два натпревари неделно, затоа што со еден натпревар неделно, кој се игра в петок или во слободен викенд, не може ништо да направиме на големи натпреварувања. Јасна ми е целата ситуација, мислам дека ви е јасна и на вас и македонскиот ракомет треба да направи анализа. Треба да се стартува од почеток, да се работи, бидејќи гледаме дека сите напредуваат, имаме и ние стратегија и се надевам дека ова е една права лекција, едно право школа за нас, но и за играчите исто. Гледаме дека сакаме, тука сме блиску, но ни треба нешто плус”, вели Лазаров.

Следен ривал на Македонија е незгодната репрезентација на Мароко. Во зависност од исходот од овој дуел, како и на останатите од групата во која се наоѓа Македонија, избраниците на Лазаров ќе играат за една од позициите од 25 до 32 место.

,,Јас ќе им дадам шанса на помладите играчи да собираат искуство, мислам дека  значат овие натпревари, иако е напорно, сметам дека ќе ни дојдат добро и ќе тежнееме да се подготвиме да ги добиеме тие два натпревари. Нема да биде лесно, психолошки е доста тешко, играчите се уморни, но уморни се и другите репрезентации, имаме ист број на натпревари, ќе тежнееме да ги добиеме, но во исто време да собираме искуство на вакви натпреварувања”, заврши Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Мароко ќе се одигра утре, со почеток од 18 часот.