Лазаров: Талент и квалитет имаме, но ни фали квалитетна работа во клубовите

Машката репрезентација на Македонија денеска го игра првиот од двата предвидени пријателски натпревари против селекцијата на Србија.

Македонија во Ниш патува само со суперлигашки играчи без интернационалците, а исто така и домаќините ќе бидат со изменет ростер, односно со повеќе играчи од домашното првенство засилени со дел од ракометарите што играат во Франција и Португалија.

Селекторот на нашата селекција, Кире Лазаров го скрати првичниот список од 24 на 18 ракометари.

„Списокот го скративме на 18 играчи, а шанса за настап ќе добијат сите што допатуваа во Србија. Оваа Б репрезентација има просек од 21 година. Целта е пополека да ја подготвуваме нашата селекција. Прилично сум задоволен од она што го видов и од она што го сработивме овие три дена. Имам јасна слика, тоа е најважно. Покрај иднината, сакаме да го зголемиме и ростерот во нашата А селекција, да бидеме поквалитетни, бидејќи не очекува Европското првенство во јануари. Талент и квалитет има, но ни фали квалитетна работа во клубовите со квалитетен тренажен процес во текот на целата година и секако минутажа на нашите репрезентативци. Ќе играм против квалитетна репрезентација како Србија, која во ростерот ќе има голем дел на играчи што се интернационалци“, вели Лазаров за 24Ракомет.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Србија ќе биде од затворен тип и се игра вечерва од 18:00 часот во салата „Чаир“ во Ниш, додека вториот е на програмата утре со почеток во 16:00 часот.