Лазаров: Во лошото има и нешто добро, со победа против Полска сме полуфиналисти

Кадетската репрезентација на Македонија претрпе пораз на стартот на ЕХФ шампионатот, па сега останува само една шанса за да се дојде до пласман во полуфиналето, а тоа е победа против Полска што ќе биде доста тешко бидејќи станува збор за многу посилна репрезентација од оваа која што ја има Грција.

После натпреварот селекторот Кирил Лазаров имаше свое видување на она што беше направено на теренот.

„Искрено го имам ова искуство во подготовки да си перфектен и покрај напорните тренинзи да обезбедиш пет победи, две против Италија, две против Црна Гора и една против Бутел Скопје. Очекував тежок натпревар, но не очекував да загубиме. Сепак, така е кога игрте добро на подготовки да загубите на официјалниот меч. Ми се случувало и како играч и сега како тренер. Добро во лошото е што победа и со еден гол разлика против Полска ќе се пласираме во полуфинале. Тоа ни дава право да се надеваме дека можеме да стигнеме до полуфинале и да се натпреваруваме до крај и да го освоиме шампионатот“, изјави Лазаров.

Тој вели дека и како играч го има доживеано ова да има одлични подготовки, а на првиот натпревар на големо натпреварување да забележи пораз.

„Многупати во минатото се покажало дека Македонија, но и јас како капитен и предводник, сега како селектор секогаш сме оделе по потешкиот пат и најверојатно нема бегање од таа работа. Полошо од ова не можеме да играме. Иако победувавме и против Италија и против Црна Гора имавме промашени зицери, но кога победуваш не гледаш на тие работи иако водиме статистика и сме свсни за тоа. Сепак, официјален натпревар е нешто сосема друго“.

За голем дел од играчите ова беше прв натпревар во репрезентацијата и прво излагање на официјален натпревар во црвениот дрес што се виде како голем товар.

„Има некои играчи кои првпат се соочуваат со репреентација и ја пејат македонската химна. Ги видов и увидов, но бев немоќен да реагирам. Направив колку можев. И кога се доближувавме немаше што да направам. Имавме седум гола негатива, но го немаат тоа искуство. Сепак, ќе се подготвиме максимално и ќе ја нападнеме Полска иако вчера видовме дека Полска е многу посериозна репрезентација од грција. Ќе направиме сè за да влеземе во полуфиналето, а за понатаму ќе видиме“, коментираше Лазаров.

Натпреварот против Полска се игра в среда од 15 часот и тогаш ќе се види дали момците можат подобро од ова и денешниот пораз беше случајност.