Кушан: Еурофарм Пелистер може да стигне до завршницата во Лигата на Европа!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер минатата седмица ги дознаа ривалите во групната фаза од Лигата на Европа.

Битолчани ќе се соочат со Татабања, Рајн Некар Левен, ГОГ Гудме, Кадетен Шафхаузен и Тримо Требње.

Пикерот Томислав Кушан, кој прикажа одлични партии на пријателските натпревари пред стартот на сезона, вели дека очекува место во завршницата на ЛЕ.

„Екипите што се во нашата група се добри, некои повеќе, некои помалку, но во европските купови нема лесни натпревари. Ако сакаш да победиш против било кој ривал, мора да го дадеш максимумот, инаку…Во нашата група е Рајн Некар Левен, а „лавовите“ мислам дека се најдобра екипа во Лигата на Европа. Нашите очекувања се дека можеме да одиме до завршницата на ова натпреварување, на секој натпревар ќе одиме со цел – победа“, вели Кушан за 24Ракомет.

Во првото коло Еурофарм Пелистер на 20 октомври ќе игра на домашен терен против унгарската Татабања, додека на 27 октомври ќе оди на гостување кај ГОГ Гудме.