Куманово ја победи Јехона и ја прескокна на табелата

Во дуел на екипи од долниот дел на плејофот во машката Прва лига, Куманово славеше со 30-26 на гости кај Јехона во салата „Младост. Со новите бодови сега Куманово ја прескокна Јехона на табелата и е на делба на седмото место заедно со Аеродром.

Натпреварот беше отворен во третата минута кога видовме три брзи гола, Бошковски погоди за Куманово, а Марковски Бојан ги постигна првите два гола за Јехона. Овие први минути од мечот припаднаа на домаќините кои поведоа со 4:1, а потоа имаа и 7:3. Но, тука следуваа две серии на Куманово од по 4:0 и 7:0 со кои го преземаа водството и имаа плус четири (8:12).

Финишот од полувремето донесе нешто подобра игра на Јехона, па домаќините успеаа да го намалат водството и на паузата Куманово имаше предност од 13:15.

Tие две серии на Куманово се покажаа и како клучни моменти во натпреварот, во во второто полувреме успешно ја одржуваа предноста, а Јехона се што направи беше да дојде на два разлика, повеќе не можеа.

Најефикасен на натпреварот беше Тасевски Влатко од Куманово со осум постигнати гола, дури пет од нив ги постигна во второто полувреме. Одлична поддршка имаше и од Петковски Виктор кој натпреварот го заврши со шест гола. Во редовите на Јехона се издвојуваше Марковски Бојан со седум гола.