Куманово лесно до три бода против Делчево

Ракометарите на Куманово влегоа во добар ритам и остварија нова победа во 4. коло во групата Б од Првата лига против составот на Делчево со 35:23.

Куманово беше фаворит на овој дуел и во целост ја оправда улогата. Уште од почеток кумановци започнаа да ја градат предността. Поведоа 3:1, 5:3 и потоа со серија голови го направија првото повисоко водство од 10:4. До крајот на првите 30 минути разликата достигна седум гола во корист на Куманово, 17:10.

Продолжението не донесе ништо ново во однос на првиот дел. Куманово го контролираше резултатот и рутински го водеше натпреварот до победа. Ракометарите на Делчево немаа сили да се вратат во дуелот, а особено беше тешко бидејќи настапија со само девет ракометари.

Ова беше трета победа по ред на Куманово откако беа поразени во првото коло од Скопје. Најефикасен во победничкиот тим беше Давид Цветковски со шест гола, по четирипати погодија Димитров, Димковски и Тасевски. Во составот на Делчево најмногу се истакна Гоце Ѓоргиевски со осум гола.