Куманово бара од РФМ: Прогласете шампион во Женската лига!

Ракометната федерација на Македонија предложи крај на Суперлигата во машка конкуренција без да биде прогласен шампион, со оглед на тоа што Вардар и Еурофарм Пелистер не одиграа ниту еден натпревар оваа сезона на домашно тло.

Во Женската лига, ситуацијата е поинаква, бидејќи се играше двокружно без да се делат екипите во плеј-оф и плеј-аут.

Требаше да има 24 кола, а поголем дел од екипите веќе имаа одиграно 15 натпревари, што е повеќе од 60% одиграни натпревари. Раководството на лидерот Куманово кој забележа 15 победи во исто толку меча, очекува да биде прогласен шампион.

„Очекуваме да биде прогласен шампион во Женската лига, 60% од натреварите се одиграни, а ние сите ги добивме убедливо. На пример Вардар стана шампион во сезоната 2016/2017 со одиграни само два меча“, вели Филип Додевски за 24Ракомет.

Второпласираниот Металург има 42 бода, три помалку од Куманово, трет е Вардар со 33 бодови, а по 30 бодови имаат Стружанка и Чаир. РФМ и во женска конкуренција треба да се огласи за патниците во европските купови, каде Македонија има право на една екипа во ЛШ и три во Лигата на Европа.