Кулеш: Мојот менаџер ми бара клуб, но можеби ќе останам во Келце

Репрезентативецот на Белорусија, левиот бек, Владислав Кулеш, може да остане во Келце и во следната сезона, иако веќе беше извесно дека сигурно ќе го напушти полскиот шампион.

Левиот бек во интервју за рускиот „Брз Центар“ зборуваше за иднината во неговата кариера и истакна дека моментално останува играч во тимот на Талант Душебаев.

„Може да останам во клубот, бидејќи мојот договор е со важност и за следната сезона. Барав добри опции за следната сезона, но ниту една од понудените не ми одговараше. Тренерот, Талант Душебаев на почетокот на сезоната ми рече дека најдобро решение за мене е да најдам нов клуб и јасно стави до знаење дека ако не заминам, ќе имам мала минутажа, но мојот менаџер продолжува да ми бара клуб. Во оваа ситуација, моментално, останувам играч на Келце“, изјави Кулеш за „Брз Центар“.

Кулеш со екипата на Келце има договор и за сезона 2022/23. Келце на левата бековска позиција во следната сезона ќе ги има на располагање Даниел Душебаев, Симон Сичко, Томас Гебала и новиот ракометар, Елиот Стенмалм, па доколку белорускиот репрезентативец одлучи да го напушти клубот, тогаш неговото заминување нема многу негативно да влијае во полскиот шампион.