Кузманоски: Сакам врвен професионализам, секојдневно ги едуцираме момците во Прилеп

Актуелната ситуација во која една група од Супер машката лига е одложена на две недели, а во другата се играат натпревари е секако сигнал за уште поголемо внимавање во клубовите.

Секој тим мора да внимава, а тренерите треба да ги едуцираат што е можно повеќе ракометарите заедно со докторските тимови за да се избегнат несакани ситуации. Затоа се прави сè за да може да се добие посакуваното ниво.

Како се работи во тимот на Прилеп потврдува и тренерот Горан Кузманоски. Тој после првата победа сезонава против Работнички коментираше и за работата во клубот и едуцирањето на ракометарите.

„Од првиот ден како тренер сакав да наметнам професионално ниво на работа. Буџетот кој како клуб го имаме не е голем, но јас уште од првиот состанок со претседателот на Прилеп кажав дека сакам да работам професионално. Сакам да се знае сè. Кога се оди на спиење, кога се станува, да се создаде еден биоритам на кој момциве досега не биле навикнати. Затоа прифатив во Струга да видам како размислуваат. Ги чував доста строго за да видат дека влегуваат во една друга улога и искрено сум задоволен“, изјави Кузманоски за 24 Ракомет.

Во однос на пандемијата со коронавирусот вели дека е многу тешко да се работи според план во моментов и дека сè може да се смени во неколку часа.

„Навистина е тешко во оваа ситуација како тренер кога се работи за пандемијава. Се подготвуваш за натпревар, работиш максимално, а потоа еден-двајца болни и сè се менува. Имаме многу разговори. И нашиот доктор им дели совети за да внимаваат. Се работи за млади лица кои сакаат да излезат. Некогаш и да се чуваш максимално не можеш да успееш во тоа и ќе го фатиш вирусот“.

Затоа за да не се случат несакани работи и да остане без дел од играчите кои му се максимално важни со оглед на тоа што има изградено игра во која секој има свој удел.

„Јас секој ден разговарам и секој тренинг го почнуваме со совети. После победата над Работнички ги советував да одат дома и да одморат и да продолжат со дисциплинирано извршување на обврските до крај на полусезоната. Кај нас во Прилеп сите се исти. Еден играч да не игра се чувствува на теренот. Андоновски не го ставив намерно против вчера и тоа се почувствува веднаш бидејќи таа игра на која сме навикнати од него се почувствува на почетокот“, заврши Кузманоски.

Екипата губи многу со заминувањето на Филип Чурлевски во Финска, па затоа мора да се внимава случајно да не остане без уште некој играч и оттаму постојано се работи на кревањето на свеста кај сите играчи за заштита и од повреди и од коронавирусот.