Прилеп ќе биде ослабен: Чурлевски ја продолжува кариерата во Финска

Засилувањето за екипата на Прилеп од ова лето, Филип Чурлевски после само два натпревари го напушта клубот и заминува во странство. Неговата следна дестинација е Финска, а клубот за кој ќе игра во иднина е СИФ.

Ова значи дека организаторот на играта на Прилеп му се приклучува на својот поранешен соиграч од Еурофарм Пелистер, Игор Трајковски. Чурлевски заминува во клубот каде што ќе има и свој сограѓанин од Битола, па сигурно ќе нема проблеми за адаптација.

Заминува веднаш, па Прилеп ќе остане без искусен ракометар во продолжението од сезоната. Оттаму тренерот Кузманоски ќе мора да комбинира на следните натпревари.

Чурлевски дојде пред нешто повеќе од еден месец во тимот на Прилеп. Дојде од Еурофарм Пелистер, но очигледно пристигна добра понуда од Финска на која не можеше да и каже не, па затоа се одлучи да ја продолжи кариерата во странство.