Кузмановски: Поквалитетни сме од Финска и Швајцарија, одиме на две победи

Машката репрезентација на Македонија ја очекуваат последните две средби од квалификациите за Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.

Избраниците на Кире Лазаров ги чека гостување кај Финска и домашен натпревар против Швајцарија.

Филип Кузмановски, кој игра во одлична форма во дресот на Хановер очекува триумфи на двете средби.

„Поради короната насекаде има густ распоред, па овие два меча доаѓаат во незгодно време и уморни сме, но тоа не значи ништо. Ќе одиме на две победи, мислам дека сме поквалитетни и мислам тоа го покажавме на првите две меѓусебни средби со Финска и Швајцарија. Имаме што да покажуваме уште, доаѓаат и уште млади играчи желни за докажување“, вели Кузмановски.

Македонија е веќе пласирана на ЕП, но ако победи на двата меча, а Данска загуби од Швајцарија, нашата селекција може да биде во вториот шешир пред ждрепката.

„Против сите може да се игра. Данска покажавме квалитет и дека може да парираме на светскиот првак, која ја освои титула пред само месец дена. Мислам дека имаме поголема самодоверба после тој меч, и добрите работи ќе ги повториме и на овие два меча. Финска игра скандинавска одбрана, ни правеа доста проблеми, но имаме решение за тоа“, заврши Кузмановски.

Мечот меѓу Финска и Македонија се игра на 28 април во Рихимаки од 17:00 часот, додека Швајцарија ќе гостува во Скопје на 2 мај од 18:00 часот.