Кудуз го водеше Динамо Букурешт до победа против ГОГ

Ракометарите на Динамо Букурешт со триумфот против ГОГ од 30:27 го потврдија пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Домашниот тим на крилата на екс ракометарот на Вардар, Анте Кудуз, како и одличниот голман Хејдарирад уште од стартот ја презеде иницијативата на терен и до финишот беше во резултатска предност.

Избраниците на Чави Пасквал отворија со водство од 2:0, одржуваа чекор пред ривалот, на моменти ГОГ се враќаше во игра, но немаше доволни сили во првите 30 минути да направи нешто повеќе. По нерешените 5:5, домаќините со серија од 3:0 во 12 минута дојдоа до водство од три гола разлика, 8:5, имаа и плус четири во 20 минута, 12:8, но данскиот шампион во финишот од првиот дел најави пресврт.

Динамо Букурешт имаше пад во играта и му дозволи на ГОГ да ја преполови негативата и речиси да се врати во игра, па така ракометарите на Крикау со три гола во низа намалија на 12:11. По големата борба во последните десет минути од првото полувреме, резултатот на пауза беше 14:13 за романскиот првак.

ГОГ за неколку минути игра во второто полувреме израмни на 15:15 докажувајќи дека се уште ништо не е решено на дуелот. Динамо Букурешт беше екипата која одржуваше дистанца, главно од два до три гола разлика, додека гостинот од Данска, кој играше со големи осилаци во играта, посебно во последните 20 минути, во желбата повторно да се избори за егал, сѐ почесто правеше грешки.

Тимот на Пасквал со неколку серии успеа во 45 минута да се одлепи на 26:20 и во последниот период од дуелот не дозволи ни најмал простор за напредок во играта на ривалот. Последните 15 минути поминаа во рутинска контрола на домаќинот, кој поради предноста од шест гола разлика се опушти, па така тимот на ГОГ успеа само да го ублажи поразот.

Најефикасен во победничката екипа беше Анте Кудуз со девет погодоци. Кај ГОГ се истакна Николај Педерсен со шест реализации.