Криза е насекаде: Намалени платите на Манасков и соиграчите во Веспрем!

Коронавирусот е голем проблем за сите спортски екипи, па и за ракометните. Кога Барселона, Веспрем, Кил и други гиганти се решија за намалување на платите во време на кризата, што останува тогаш за другите помали клубови.

Раководството на Веспрем донесе одлука за намалување на платите на управата на клубот, ракометарите и стручниот штаб. Во период на финансиска нестабилност, унгарскиот гигант реши сите членови на овој колектив да земат по 25% помала плата за месеците април, мај и јуни.

Сите ракометари без исклучок, а меѓу нив и македонскиот репрезентативец Дејан Манасков ја прифатиле оваа мерка. Постигната е согласност договорите да бидат исплатени по девизен курс 330 форинти/евро, доколку играчите земаат плата во евра.

Покрај тоа што ќе бидат намалени платите на сите во клубот, Веспрем објави дека заедно со ракометарите ќе донираат финансиски средства во борбата против коронавирусот.