Кралицата на „лалињата“ се врати на терените

Поранешната репрезентативка на Холандија, Нике Грот ја прекина паузата и се врати на ракометните терени. Грот по Олимписките игри во 2021 година се повлече од ракометот, но при нејзиното краткорочно повлекување изјави дека не е исклучена можноста да направи камбек.

Искусната ракометарка, која во периодот од 2019 до 2021 година настапуваше за Оденсе, а пред тоа четири сезони го носеше дресот на унгарскиот гигант Ѓер, реши да направи камбек во Оденсе и да му помогне на клубот да оствари добар пласман во данскиот шампионат и во Лигата на шампионите.

Грот со репрезентацијата на Холандија на Светското првенство 2019, кое се одржуваше во Јапонија, го освои златниот медал. На Светското првенство во 2017 и 2015 со својата репрезентација се радуваше на бронзениот, односно сребрениот медал.

Нејзината колекција на медали е надополнета со уште сребрен од Европското првенство во Шведска (2016), како и бронза од континенталниот собир во 2018 година. Грот со екипата на Ѓер ја освои Лигата на шампионите во сезона 2016/17, 2017/18 и 2018/19.