Коњалти на Јанеска и Гакидова со победа се загреа за битката за титулата и европското финале!

Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, со победа ги заврши настапите во регуларниот дел од шампионатот на Турција.

Коњалти во последното коло во дерби дуелот против Јенимахал полесно од очекуваното дојде до убедлив триумф од 42:26.

Двете ракометарките од Македонија беа меѓу најдобрите стрелци во победничката екипа. Кружниот напаѓач Гакидова постигна пет погодоци и одигра одлично во одбраната, додека Јанеска имаше три реализации во гостинската мрежа.

Коњалти заврши на второто место во регуларниот дел од сезоната и во плеј-оф фазата за ривал го има тимот на Текирдаг. Доколку го добие двобојот против Текирдаг, тогаш ќе обезбеди пласман во полуфиналето.

Клубот од Турција со одличните настапи на европска сцена, односно во Европскиот Куп се пласираше во финалето во третото по ранг европско натпреварување и на 30 април ќе го одигра првиот дуел од финалето против Гуардес, додека реваншот е закажан за 7 мај.