Коњалти на Јанеска и Гакидова му „дише во врат“ на Кастамону

Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете интернационалки од Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, останува во трка за титулата во турскиот шампионат, откако забележа нова победа.

Коњалти на домашен терен без многу проблеми славеше убедлив триумф против ,,фенерџијата” Адасокаги, со резултат 41:24.

Веќе на полувреме кога домаќинките заминаа со предност од 20:11, беше јасно како ќе се одвиваат работите во вторите 30 минути.

Екс ракометарката на Вардар и Металург, Ивана Гакидова повторно имаше одлична партија, беше меѓу најефикасните во победничката екипа со пет погодоци, додека репрезентативката Моника Јанеска двапати стрелаше во противничката мрежа.

Коњалти со новата победа го презеде второто место на табелата, сега има 23 бода, а актуелниот лидер и учесник во Лигата на шампионите Кастамону со биланс од 11 победи и две нерешени средби има 24 бода.

Тимот на Јанеска и Гакидова на 12 февруари ќе го одигра првиот дуел против Измир во рамки од четвртфиналето во Европскиот Куп.