Кошмар за Хрватска – Циндриќ и Дувњак ќе останат во изолација, ја пропуштаат првата фаза на ЕП!

Двајцата ракометари на Хрватска, Лука Циндриќ и Домагој Дувњак, на новите тестирања на коронавирус повторно имаа позитивни резултати. Сите останати играчи од хрватската репрезентација, меѓу кои и членот на Вардар, Анте Гаџа, беа негативни.

Циндриќ и Дувњак ќе останат во изолација во градот Осијек, а на репрезентацијата ќе се приклучат кога ќе добијат негативни резултати од ПЦР тестирањата.

Многу е веројатно дека двајцата ракометари ќе ја пропуштат првата фаза од континенталниот собир.

Репрезентацијата на Хрватска вечерва го има последниот тренинг во Осијек. Селекторот Хрвоје Хорват во вторник непосредно пред патувањето за Унгарија ќе соопшти кои ракометари ќе се најдат во хрватскиот состав за настап на Европското првенство.

Хрватите се наоѓаат во Групата Ц заедно со селекциите на Франција, Украина и Србија. Првиот натпревар ќе го одиграат на 13 јануари против Франција, со почеток од 20:30 часот.