Кофиловски даде 13 гола, Металург лесно го мина Куманово

Ракометарите на Металург остварија рутинска победа против Куманово со 36:26 во натпревар од осминафиналната рунда од Купот на Македонија. Иако металурзите настапија со 12 играчи во ростерот немаа проблем против прволигашот.

Металруг имаше силен старт на дуелот, поведе со 7:1 а потоа беше и 10:2 со што фаворитот на натпреварот го најави триумфот уште во раната фаза. Куманово многу брзо имаше и двоцифрена негатива при резултат 6:16.

Сепак кумановци не се предадоа тука и во финишот на првото полувреме усепаја да ја стопат високата негатива. Со серија од 6:1 до полувреме гостите намалија на поднослива негатива што им даваше надеж во вториот дел.

Сепак Металург покажа дека е поквалитетен тим и во вториот дел ја оправда фаворитската улога. Рутински го диктираше темпото и резултатот, а разликата полека повторно се движеше кон двоцифрен број. До крајот одиграа рутински и ја потврдија победата.

Дарио Кофиловски со 13 гола беше најефикасен во екипата на Металург, а Златко Хорват со осум гола беше втор стрелец. Во составот на Куманово најмногу се истакна Марко Спасиќ со седум гола, а четири пати погоди Бојан Петрушевски.