Котевски го препороди Куманово – Радовиш беше нова жртва!

Ракометарите на Куманово продолжуваат во победнички ритам во борбата за опстанок, откако на денешното гостување во Радовиш кај истоимената екипа забележаа убедлив триумф од 33:24.

Куманово на претходните три дуели, против Јуниор КВ, Струга и Скопје, оствари победа и со новите освоени бода на свое конто го зачува лидерското место во плеј-аут групата.

Избраниците на Игор Котевски доколку продолжат со истото издание на следните натпревари, тогаш без проблеми ќе обезбедат опстанок во македонската елита.

Гостинскиот состав поведе уште од почетокот на натпреварот, водеше со 6:3 и откако резултатот беше 6:4, направи одлична серија од 8:0, се одлепи на 14:4 и потоа многу лесно го контролираше стекнатото водство.

Ракометарите на Мијалов повеќе од 12 минути беа без постигнат гол и токму во тој период гостинот ја направи разликата, која се покажа како клучна за денешниот убедлив триумф. На полувреме водството на Куманово беше 11 гола разлика, 19:8.

Во продолжението домаќинот не успеа ниту да ја преполови негативата, ниту да се наметне како сериозен ривал. Тимот на Куманово во последниот период можеше да си дозволи мало опуштање поради високото водство.

Предводник во победничкиот табор беше Никола Бечејац со девет реализации. Во поразениот тим најефикасен беше Филип Трајанов, кој постидна 11 погодоци.