„Кога дојдов во Скопје, Вујо ми рече – твоја работа е да ’горат’ противничките мрежи“

Еден од новите ракометари во оваа сезона во вардаровата екипа, Анте Кудуз, во интервју за порталот на СЕХА лигата зборуваше за неговите почетоци во ракометот, интернационалната кариера, првите импресии за Вардар, работењето со Веселин Вујовиќ…

Ракометарот од Хрватска е задоволен од позитивната атмосфера во актуелниот македонски шампион. За новиот ростер во Вардар има позитивно мислење и смета дека силата на тимот ќе се види со тек на време.

„Навистина сум среќен во Скопје. Не ми требаше долго време да почнам да се чувствувам како дома. Луѓето овде се едноставно толку топли и помагаат околу сѐ што е навистина тешко да не се чувствувате како дома. Тимот е сосема нов и сè уште одвојуваме време да се запознаеме, да го најдеме вистинскиот ритам. Според мое мислење, имаме одличен ростер со Тото, браќата Њокас, искусните Дибиров, Стоилов и Ристовски, Дијало и Моралес, како и младите Томовски, Талески, Георгиевски, Гаџа и јас. Одлична група на играчи во целина која може да расте како тим со текот на времето“, изјави Кудуз.

Поранешниот лев бек на Динамо Букурешт, Винтертур и Вараждин, во својата кариера имаше голем број на тренери. Кудуз истканува дека стратегот на Вардар, Веселин Вујовиќ, за него е најдобар тренер со кој работел.

„Без сомнение, Вујовиќ е најдобриот тренер со кој сум работел. Тој има специфичен пристап, многу e страстен за играта и јас исто така, што е веројатно една од главните причини зошто започнавме толку добро. Сака борци и верувам дека јас сум тој. Тој прави апсолутно сѐ со намера да му помогне на тимот со цел да се подобри екипата. Кога пристигнав во Скопје, тој ми рече: ‘Ти си нашиот единствен вистински шутер од далечина и сакам тоа да го докажуваш секој пат кога си таму. Твоја работа е да горат противничките мрежи!’. Досега одлично се снаоѓаме и верувам дека така и ќе остане“, додаде Кудуз.

Со оглед на тоа што Кудуз се повреди пред стартот на сезоната не беше во можност да игра, па полека се враќа на терен. Допрва се очекува да ја покаже својата најдобра игра и да покаже дека е добро засилување за Вардар.