Ковид позитивни животни го шират вирусот на луѓе – ЕП менува локација!

Европското првенство за жени, кое е на програмата од 3 до 20 декември во Норвешка и Данска, нема да се игра во претходно најавените градови. Во Данска, тоа требаше да бидат Хернинг и Фредерикшавн, но вториот град нема да биде домаќин.

Данската федерација заедно со ЕХФ веќе се во потрага по нова локација, а причината за промената се животни. Станува збор за визони, мали животни од фамилијата куни кои се одгледуваат заради нивното крзно и модната индустрија.

Во Фредерикшавн има многу такви фарми, а според националната телевизија во Данска животните се заразиле со ковид 19 вирусот кој потоа мутирал и започнал да се пренесува на луѓе. Според официјалните податоци доега забележани се 12 луѓе кои се заразиле од визоните. Данските власти најавија дека ќе бидат убиени повеќе од 17 милиони визони за да се намали можноста од ширење на вирусот.

Во овој град требаше да се игра групата Б, во која се Русија, Шведска, Шпанија и Чешка, но данската федерација и ЕХФ наскоро ќе го објават новиот град-домаќин на континенталниот собир.