Кобетиќ: Ова што го прават девојките е лудо, моето време во репрезентацијата одамна помина

Неккогашната членка на Вардар, Андреа Кобетиќ, позната во ракометните кругови со презимето Пенезиќ, шест години по ред беше најдобра ракометарка во Хрватска.

Но не успеа со нејзината генерација да направи некој поголем резултат на големите натпреварувања. Таа го следи настапот на нејзините наследнички на ЕП во Данска.

„Ова е лудница, предобро. Ова навистина никој не го очекуваше, девојките направија историски резултат“, вели Кобетиќ за 24Сата.

Таа веќе четири години не настапува за националниот тим и вели дека дури ни медал не може да ја премисли.

„Не, нема да се вратам. Моето време во репрезентацијата заврши пред четири години. Ми кажуваа дека е рано, но поголем дел од колешките се повлекоа и чувствував дека е вистинско време и за мене, за да оставам простор на младите девојки. Еве на пример голманката Пијевиќ е најстара со 29 години. Сите тие тренираа, и сега еве „стасаа“ за големи резултати“, вели Пенезиќ.

Хрватска ќе се бори со Франција во полуфиналето, но дури и да не се пласира во големото финале, веќе е остварен најголемиот успех во историјата.