Кичево не погоди за реми, Металург РА си замина победнички

Ракометарите на Металург РА на гостувањето во Кичево против истоимената екипа во неизвесен финиш славеа победа од 25:24 (12:12) во рамки од 4. коло од плеј-оф фазата во прволигашката конкуренција.

На овој натпревар беа доделени вкупно 14 исклучувањата, десет за домаќините и четири за гостите. Црвен картон на дуелот во спортската сала „Јанчица“ заработи членот на Кичево, Виктор Василевски.

Во текот на сите 60 минути се играше гол за гол, ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола, па така резултатот во дури 16 наврати беше нерешен.

Гостите од Автокоманда иако во вториот дел на неколку моменти поведоа со два гола разлика, сепак, тимот на Кичево со расположениот Шипинкоски, кој постигна половина од головите за домаќинот, до последната минута беше во игра за освојување на бодовите.

Металург РА во клучните моменти ги имаше Гилев и Наумовски и токму двајцата ракометари беа најзаслужни за освоените три бода. По нерешените 24:24 гол постигна Гилев за 25:24 и домаќините во последните секунди не беа доволно фокусирани да дојдат до барем бод.

Најефикасни во победничката беа Дамјан Наумовски со седум и Бојан Гилев со шест погодоци.

Никола Шипинкоски со 12 погодоци ја предводеше листата на стрелци во домашниот табор, но засилувањето од Охрид немаше голема поддршка од своите соиграчи.