Кил рутински против ПИК Сегед, си закажа четвртфинале со ПСЖ

Екипата на Кил по убедливата победа од првиот дуел против ПИК Сегед во рамките од осминафиналето од Лигата на шампионите, ниту денес не му дозволи на противникот голем отпор и славеше со резултат 33:28. Со двете победи над унгарскиот вицешампион, Кил обезбеди место во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Унгарците добро го почнаа натпреварот, парираа во одредени моменти, но Кил од 10.минута заигра поангажирано во нападот. ПИК Сегед успеа целосно да се врати во игра и го израмни резултатот на 14:14. Поискусните ракометри на Кил со серија од 3:0 воспоставија контрола на водството и до крајот успешно го контролираа. Првото полувреме заврши со резултат 18:15 за составот на Кил.

Во второто полувреме, ПИК Сегед беше блиску во неколку наврати да се врати во игра за позитивен резултат, сепак, домашната екипа не дозволи изненадување.

Кил во победата беше предводен од Сандер Сагосен со девет гола, а по седум постигнаа Патрик Винчек и Никлас Екберг. Во составот на ПИК Сегед се истакна Бојан Радивојевиќ со седум гола. Во четвртфиналето, Кил за противник го има незгодниот тим на ПСЖ.