Кил најде замена за Ландин: Венсар Жерар ќе стане „зебра“!

Данскиот репрезентативен голман Никлас Ландин на лето заминува од гигантот Кил и се враќа во татковината каде ќе го брани голот на Алборг.

Раководството на „зебрите“ веќе најде замена, а според информациите на 24Ракомет, тоа ќе биде францускиот репрезентативец Венсан Жерар.

Жерар летово се пресели во Сен Рафаел, со кој потпиша договор на три сезони, но понуда од Кил не се добива секој ден, па нема да го доработи до крај договорот со францускиот клуб.

Иако во комбинациите за наследник на Ландин се споменуваа Родриго Коралес, Бенјамин Буриќ или Микаел Апелгрен, сепак веројатно нема да има ништо од овие трансфери.

Жерар потекнува од Мец, а трансферот во Германија за искусниот голман ќе биде прв интернасионален предизвик, бидејќи во кариерата досега ги бранеше головите на Монпелје, Истр, Данкерк и ПСЖ пред да замине во Сен Рафаел.