Келце ќе бара вајлд-карта за учество на Супер глоуб

Полскиот шампион Келце има амбиции да учествува на Супер глоуб турнирот во Саудиска Арабија, кој ќе се одржи во месец октомври, пренесува полскиот портал „ТВП Спорт“.

Раководството на клубот се обидува да добие вајлд-карта за настап на еден од најсилните турнири на светот.

Келце на Супер глоуб турнирот учествуваше во 2016 година, откако обезбеди директен пласман како европски шампион. Избраниците на Талант Душебаев во дебитанскиот настап го освоија бронзениот медал.

Со текот на годините, имаше промена на форматот на турнирот, бројот на учесници и местото на одржување. За оваа година е предвидено да учествуваат десет екипи.

Во минатата година учествуваа шампионите на Африка, Азија, Европа, Океанија, Северна Америка и Карибите, Централна и Јужна Америка, шампионот на Саудиска Арабија, две екипи со вајлд-карти и екс шампионот на Супер глоуб – Барселона.

На неофицијалното клупско светско првенство во оваа сезона титулата ќе ја брани екипата на Магдебург.