Келце не запира со шопинг – донесе нов ракометар!

Еден од учесниците на Ф4 во Лигата на шампионите за оваа сезона, Келце, за следното лето ангажираше нов играч. Станува збор за ракометарот од Израел, Јоав Лумбросо, кој игра на позицијата среден бек.

21-годишниот ракометар во редовите на полскиот шампион ќе пристигне од францускиот суперлигаш, Лимож. Во тимот од Франција настапува веќе две сезони, а претходно играше во Германија, поточно во второлигашот, Ајзенах.

,,Со години ги следам настапите на тимот, ја знам историјата на клубот и мислам дека Келце е одлично место за мојот понатамошен развој. Преговорите ги почнавме пред околу два-три месеци. Прво разговарав со извршниот директор на Келце, Бертус Сервас, а потоа тренерот Талант Дујшебаев ми ја претстави својата визија за тимот и мојата улога во него.Тогаш бев сигурен дека сакам да му се приклучам на тимот”, изјави Лумбросо за клупската страна на Келце.

Младиот ракометар со раководството на полскиот шампион се договори на четиригодишна соработка. Лумбросо за место во новиот клуб ќе се бори со Игор Карачиќ, Хаукар Трастарсон, Михал Ојленичак и Пјотр Једрашчик.