Келце не виде мака со ПИК Сегед

Екипата на Келце дојде до петтата победа во Лигата на шампионите во новата натпреварувачка сезона, откако на свој терен немаше големи проблеми против ПИК Сегед триумфирајќи, со резултат 37:30, во натпревар од групата Б. За ПИК Сегед денешниот пораз беше петти и унгарскиот вицепрвак останува на 6. позиција на табелата.

Полскиот шампион имаше фуриозен старт во дуелот против екипата од Унгарија. Ракометарите на Талант Душебаев во воведниот дел поведоа со 3:0, потоа имаа 7:2 и по десет минути игра дојдоа до резултатска предност од плус седум, 10:3. До тој момент, ракометарите на ПИК Сегед имаа седум промашени удари, додека домаќините само еден нереализиран напад. Кризата во ПИК Сегед продолжи и во понатамошниот тек од дуелот и како одминуваше времето така домашниот тим беше се повеќе сигурен во нападите и лесно доаѓаше до погодок.

Веќе кон средината на првото полувреме резултатот беше двоцифрен, односно 16:6 за Келце. ПИК Сегед се обидуваше да намали дел од резултатската негатива, дојде до минус седум негатива во 20 минута, 17:10, но тимот на Келце не дозволуваше ПИК Сегед да се доближи и на полувреме замина со активен резултат од 22:14. Голманот на Келце, Андреас Волф првиот дел го заврши со 10 одбранете удари, а во спротивниот табор Мирко Алиловиќ имаше само четири интервенции.

Ниту во вторите 30 минути немаше неизвесност. Келце рутински чекореше кон нова победа и со расположените Морито и Сичко лесно се справуваше со одбраната на унгарскиот тим. Во 40 минута предноста на Келце беше 29:18 и во последните 20 минути од дуелот ПИК Сегед ја искористи опуштеноста во редовите на домашниот табор и се избори за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Симон Сичко и Акрадиуш Морито со по седум погодоци. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Мартинес Мигел и Иманол Алустиза, кои имаа по пет реализации.