Келце го чека Вардар пред празни трибини

Поради зголемениот број на коронавирус инфекции во Полска, владата на земјата одлучи да воведе повеќе ограничувања во врска со сите настани, меѓу кои спаѓаат и спортските. Од 17 октомври, спортски настани можат да се одржуваат само без присуство на навивачи.

Во минатата недела, Министерството за здравство соопшти дека на тестовите се потврдени инфекции со коронавирус кај уште 8.099 лица што е најмногу од почетокот на пандемијата и тоа беше причина за зголемување на безбедносните мерки.

“Ситуацијата во која се наоѓа Полска се разликува од ситуацијата со која се справивме во март и април. Повеќе не се справуваме со епидемии на коронавирус. Вирусот е насекаде, зборуваме за хоризонтално пренесување”, објасни премиерот Матеуш Моравиецки.

Ограничувањата ќе се одразат и врз аматерските спортови, бидејќи активностите на базени и спортски сали ќе бидат прекинати од сабота. Сите овие одредби се однесуваат и на црвената и жолтата зона, односно на целата земја.

Вардар следниот месец ќе му гостува на Келце и доколку не се смени ситуациајта со пандемијата и овој натпревар ќе се одигра пред празни трибини. Претходно полскиот шампион играше пред околу 2.000 гледачи на дуелите со ПИК Сегед и Мешков Брест.