Келце го дава на позајмица Нигериецот што не заигра во Македонија

Шампионот на Полска, Келце, во претходниот период ангажираше голем број на ракометари, па поради тоа, на дел од играчите кои имаат актуелен договор со екипата, ќе им биде понудено да одат на позајмица во други клубови.

Еден од ракометарите во Келце, кој не добиваше голема минутажа, десниот бек, Фарук Јусуф, од следната сезона ќе настапува за друг клуб. Јусуф со екипата на Келце има договор на пет сезони, а во полскиот шампион пристигна во текот на 2020 година откако неговиот трансфер со македонскиот суперлигаш, Бутел Скопје, не беше успешно реализиран, иако имаше потпишано договор.

Претседателот на Келце, Бертус Сервас, во изјава за полскиот медиум „sportowefakty“ потврди дека ракометарот од Нигерија ќе оди на позајмица во друг клуб, додека полскиот репрезентативец, Павел Пачковски ќе остане во редовите на Келце.

„Сметаме на напредокот на Фарук и затоа сакаме да го испратиме на позајмица во друг клуб. Во блиска иднина ќе биде донесена одлука за неговата иднина. Тој можеби би играл во Германија, Шпанија или Полска. Сè уште нема официјална одлука за Пачковски, но веќе можам да кажам дека Павел речиси сигурно ќе остане со нас”, изјави Бертус Сервас.

Келце на десната бековска позиција ги има на располагање и Алекс Душебаев и Бранко Вујовиќ. Во следната сезона ќе пристигне и десниот бек на француската репрезентација и актуелен член на ПСЖ, Недим Ремили.