Вардар и Еурофарм Пелистер денеска на дуел – Што ќе се случеше доколку можеа да играат сите странци?

Поради квотите во пропозициите за Супер машката лига во еден тим може да има најмногу осум странци. Сепак, пет од нив треба да се од Топ 15 во Европа, а другит тројца можат да бидат од други елекции. И двата состави имаат интернационалци, но еден дел ќе бидат прекубројни, па денеска нема да бидат видени најсилните состави на терен.

Екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер годинава се единствените кои ќе ја претставуваат Македонија во групната фаза од двата најсилни европски купови, а денеска ќе го имаат првиот натпревар од четирите кои треба да ги одиграат годинава во Супер машката лига.

Тренерите на двете екипи не можат да сметаат на комплетните состави бидејќи дел од играчите не влегуваат во Квотата Б во која се наоѓаат играчи кои се дел од националните тимови во Топ 15 според листата на ЕХФ, а во последните пет години одиграле најмалку десет натпревари.

И во двете екипи денеска ќе има прекуброен. Во составот може да се максимум осум странци. Тројца можат да бидат надвор од Квотата Б (можат да бидат од која било земја), но другите пет мора да ги исполнуваат овие услови. И во двете екипи има ракометари кои ја пополнуваат оваа квота, но јасно е дека Вујовиќ и Бабиќ ќе мора да одбираат и да се одлучат за оние кои ќе можат да помогнат најмногу на теренот.

Вардар во предност ако можеа да играат сите

Интересно прашање во моментов е тоа што ќе се случеше доколку на теренот се најдеа комплетните состави како што е случај во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Тогаш и Веселин Вујовиќ и Жељко Бабиќ ќе можеа да сметаат на комплетните тимови.

Во таква ситуација Вардар ќе имаше предност бидејќи ќе има поголем избор на ракометари со искуство од меѓународни средби. Се виде и против Мешков Брест дека браќата Њокас донесоа квалитет, а воедно и поголема можност за бековските позиции и во напад и во одбрана.

Ова отвора простор во Вардар за поголема трансформација во поставата, но сигурно и повеќе главоболки кај тренерот Вујовиќ кој мора да одлучи како ќе се игра бидејќи ќе треба да одбере со кои странци и со кој тим ќе влезе на овој дуел.

Бабиќ, пак, ќе треба да одбере кој од четворицата кои се надвор од Квотата Б треба да остане на трибините. Веќе е јасно дека Табоада, Радовиќ, Периќ и Граџан ќе треба да ги дадат тројцата кои ќе се придружат на оние кои играат според квотата Б. Сепак, и во комплетен состав на хартија, Еурофарм Пелистер нема да биде фаворит што не мора да значи ништо на теренот.

Шансите се на двете страни, но вардарци се во подобра форма

Според она што го покажаа на Супер куп дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ и само неколку дена подоцна во финалето од Турнирот во Струга во август денеска треба да се очекува неизвесен натпревар. Сепак, од тие натпревари досега помина повеќе од еден месец, а многу работи се изменија.

Вардар уште повеќе го засили тимот и сега има поголем ростер и ракометари кои донесоа квалитет плус. Воедно беа одиграни и две средби од Лигата на шампионите на кои беше видена добра игра според која веќе е јасно дека Вардар е во добра форма.

Еурофарм Пелистер уште е само на домашна сцена бидејќи групната фаза од Лигата на Европа почнува следниот месец. Доколку сето ова има најголемо влијание на резултатот тогаш Вардар е во предност.

Меѓутоа на ваквите дуели секогаш решавале други моменти. Поинспирирани и помотивирани ракометари, порасположени на денот на одигрување на средбата… Нема да биде изненадување ако пресудат нијанси.