Кастратовиќ: Ќе ги поставиме сите коцки на потребното место за десетина дена

Металург ги заврши базичните подготовки, во Скопје и во Маврово, а одигра и четири натпревари на турнирот во Струга.

Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, е задоволен од досега сработеното и вели дека во преостанатите денови, до почетокот на обврските во Лига Европа, ќе ги стави сите коцки на потребното место.

„Презадоволен сум од сработеното за време на подготовките во Маврово, а исто така и од одиграното во Струга. Видов како функционираме како екипа, каде и што треба да се корегира до мечот со Спачва и сметам дека сме на добар пат. Факт е дека имаме пет нови играчи во тимот и тие не можат за неколку тренинзи и три-четири меча да се навикнат едни на други во начинот на движење на теренот и во стилот на играта. Но евидентно беше дека во секој нов натпревар имавме напредок во играта. Затоа и верувам дека во следните десетина дена, до мечот со Спачва, ќе ги поставиме сите коцки на потребното место и максимално подготвени ќе влеземе во двомечот“, истакна Кастратовиќ за клупскиот веб-сајт.

Првиот дуел со хрватскиот претставник Спачва е закажан за 29 август во Автокоманда, а реваншот е за седум дена во Винковци. Подобриот од овој двомечот ќе обезбеди место во второто квалификациско коло од Лига на Европа.