Кастратовиќ за 24 Ракомет: Бевме поквалитетни во двомечот со Криенс, публиката многу нѝ помогна

Екипата на Металург си обезбеди место во групната фаза од Лигата на Европа откако денеска после поразот од Криенс со 21:22 и вкупни 47:46 се пласираше меѓу тимовите кои продолжуваат со игрите.

Се покажа како точно посакувањето на тимот од Швајцарија за ривал бидејќи на крајот работите си дојдоа на свое место и сега ќе се очекуваат новите ривали во натпреварувањето каде што е и составот на Еурофарм Пелистер.

После натпреварот своето видување за 24 Ракомет го даде тренерот Зоран Кастратовиќ, кој имаше многу пофалби за своите ракометари, но и за навивачите кои денеска беа во голем број на трибините и ја дадоа својата поддршка за металурзите да успеат да стигнат до групната фаза од Лигата на Европа.

„Одигравме натпревар како што очекувавме. Имавме квалитетен противник на двата натпревари, тим кој е лидер во првенството на Швајцарија. Сепак, ние бевме подобриот ривал. Честитките одат пред сè на адреса на играчите, кои беа бескомпромисни во фаза на одбрана. Имавме и голема поддршка од од Дупјачанец на голот. Имавме подеми и падови во играта, но најважно од сето ова е дека нашите подеми беа во вистинско време. Сакам да изразам голема благодарност до нашите навивачи кои беа во голем број и беа нашиот осми играч против Криенс“, изјави Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Со пласманот на Металург во групната фаза од Лигата на Европа, Македонија доби втор тим во натпреварувањето така што ќе може да се ужива во нови интересни натпревари во европските купови.